Музички приказни

Фотографијата е огледало на ликот. Не секогаш сосема верно, зашто со разни техники се добиваат совршени фотографии, но многу често го покажува она што сакаме да го видиме, а некогаш она што не сакаме или не можеме да го откриеме за себе. Музиката е огледало на душата. Најреалното, најискреното, во кое нема наместени пози, извежбана насмевка, филтри, фотошоп. Музиката е огледало во кое душата се огледува соголена, автентична. Спокојниот човек свири спокојно, гневниот свири гневно, претенциозниот – претенциозно, самобендисаниот – самобендисано, романтичниот – романтично, меланхоличниот – меланхолично, ведриот – ведро, немирниот – немирно. Никој никогаш не успеал да се скрие зад музиката, зашто таа од музичарот ги филтрира само најдлабоките и најдоминантните карактеристики и чувства. Кај композиторите ова е уште понагласено. Секој искусен слушател (како да е психолог) може да процени каква слика за душата открива композицијата.

Има едно огледало, кое го барам кога се чувствувам неспокојно. „Огледало во огледало“, композицијата за виолина и клавир на Арво Парт (роден на 11 септември 1935 година) е огледалото што ми дава спокој. Како мирно море, музиката звучи смирувачки и занесно. Нежно, тивко, плени со чистата убавина. Со едноставна мелодиска и хармонска структура, на најконкретен начин ја покажува моќта на минимализмот, стил карактеристичен за Арво Парт. Напишано е во 1978 година, непосредно пред неговото заминување од родната Естонија, и е вистинска рефлексија на карактерот на композиторот. Претходно, Парт кокетирал со новите правци и техники на компонирање, со восхит и ентузијазам ги пригрнал во своето творештво. Пишувал авангардно, комплексно, заплеткано, дури по малку и хаотично.

Експериментирал со неокласицизмот, серијализмот, дисонанците, збиените хармонии. Но во доцните седумдесетти години на минатиот век, по самонаметнатата творечка изолација, за време на која ги истражувал грегоријанското пеење и едноставноста на хармониите во руската православна музика, се пронашол себеси во чистотата на минималистичката мисла. И тој стил претставува вистинско огледало за него, тоа е неговото исконско јас.

Лада Шоптрајанова Петровска