Премиерата на претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Дејан Пројковски, која беше изведена на 12 октомври, на Големата сцена на Црногорското народно позориште во Подгорица, ги исполни големите очекувања на публиката, на која, како што стои во текстот на „Монтенегро магазин“, токму претставата „Бура“ на Пројковски од 2016 година (работена за истиот театар) ѝ оставила длабока трага и силен впечаток. Целата екипа на „Буре барут“ ги исполнила очекувањата, и на крајот ја испратиле стоечки, со долг и громогласен аплауз и овации. Со оваа претстава е отворена и новата сезона 2018/2019 година.

– Режисерот Пројковски, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајковски излегоа да ѝ се поклонат на публиката во црни маици, на кои со бело-црвени букви пишуваше „Јас сум буре барут“. Аплауз ги следеше и краевите на одредени сцени, од кои најпотресна е сцената на силувањето со Ана Вучковиќ, Филип Ѓуретиќ, Бранимир Поповиќ и Петар Буриќ. Имаше нешто во песната „Зајди, зајди“, која го следеше секој чин и во натписите на возот – ТНТ, СПА и карго. Балканот е и ТНТ и СПА и товар. Буре барут. Згазни на погрешно место и ќе експлодира, пресечи погрешна жица и, ете, повторно експлозија. Но Балканот е и „експлозија“ на душа, љубов и страст. И кафеани и песни и ракии и пива со кои се обидуваат да ја заборават сета болка, но во кои сета вистина излегува на виделина. Тука е и тој воз што ги вози „јунаците на Пројковски“ од ,,Монтенегро – класа Ц“, како што пишуваше на него, во „класа А“, како што повторно пишуваше на возот. Пројковски рече дека токму тој воз ги вози луѓето со судбините, приказните и надежите. Секој од тие јунаци, дали бил во кафеана, затвор, на железничка станица, во воз, во автобус, чамец, на клупа или во друга земја, се прашува зошто сѐ што е убаво им се случува на другите луѓе, на други места, што сме згрешиле ние. Зошто тревата е позелена надвор од Балканот? А потоа по сите „експлозии“ што ги предизвика транзицијата што сѐ уште трае и уништувањата, јунаците на Пројковски даваат слика зошто Балканците се најдобрите луѓе на светот и зошто Балканот, сепак, и покрај сето зло што му е нанесено, е најдоброто место за живот – пишува весникот.

Пројковски по претставата рече дека Бекет го има својот Годо кого го чекаат, а на Балканот додека чекаме животот проаѓа.

– Го живееме животот и го чекаме. Малиот балкански човек, кој само сака зрнце среќа, зрнце „јасно сонце“, зрнце „светлина во темнината“, бидејќи „мојта младост, горо ле сестро нема да се врати“ и бидејќи ,,ми отиде младоста додека сите се напијат кафе“. Оваа претстава отвора многу прашања за кои одговорите се во нас. Таа е еден страшен крик – рече Пројковски.

Тој, како што вели, никогаш не бил блиску до тоа да си оди од Балканот.

– Се разбира, работев претстави надвор од Балканот, работам сѐ уште, но мојата земја е Македонија, мојата културна територија би рекол дека е Балканот и секогаш кога ги работам претставите, работам од почетна точка на она што ние сме и на она што ние имаме. Затоа што кога ќе се свртиме гледаме колку што Балканот има во себе сила, енергија, толку Балканот е приказна за литературата, за музиката, толку раскажуваат фреските по црквите, да почнеме и да завршиме со вашиот и балкански Његош. Всушност, кога човекот го знае сето тоа, тогаш е горд што е дел од овој културен простор – вели Пројковски на прашањето на црногорскиот магазин за тоа колку и самиот бил близу да отиде од Балканот и зошто Балканците се најдобар народ на светот.

Извонредни улоги одиграле: Мирко Влаховиќ, Горан Вујовиќ, Александар Гавраниќ, Данило Ќелебиќ,Вукан Пејовиќ, Вања Јовиќевиќ,Зоран Вујовиќ,Ана Вучковиќ, Марко Тодоровиќ, Филип Џуретиќ, Петар Буриќ, Бранимир Поповиќ,Никола Перишиќ, Мишо Обрадовиќ, Дејан Иваниќ. Душан Ковачевиќ, Јелена Ненезиќ – Раковќевиќ, Стеван Радусиновиќ, Јадранка Мамиќ, Слободан Маруновиќ, Данило Ќелебиќ, Гојко Бурзановиќ и Снежа Матановиќ. Зоран Вујовиќ доби аплауз по една сцена во која имаше впечатлива улога.

– Овој текст е голем затоа што од муви направил слон. Генијален е затоа што од едноставните работи извлекува максимум, особено кога се во прашање меѓучовечките односи, сиромаштијата и односот на нас поединците што сме заробени во една стапица за глувци наречена систем. За мене беше важна една работа, која е симптоматична за мојот карактер, ,,ми отиде младоста додека сите се напијат кафе“. Ни отиде животот додека сите се напијат, додека сите можни и важни работи се на другата страна, ние сето тоа го испуштаме за да испиеме едно кафе – им изјавил Вујовиќ по претставата на новинарите.

Сценаристот Дејан Дуковски е задоволен со изведбата на неговиот текст.

– Претставата е прекрасна, ансамблот е навистина одличен, Дејан Пројковски успеал да најде точен клуч на читање на оваа драма, музиката е одлична, како и целиот дизајн. Така што мислам дека ова е едно фантастично читање на оваа драма. Мене ми е драго, овде ми е како дома – рекол Дуковски.

Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимографка е Тијана Тодоровиќ, композитор на музиката е Горан Трајковски. Музиката во живо ја изведуваа исклучителни музичари од бендот „Топло пиво“. За сценските движења е задолжена Нада Вукичевиќ. Извршни продуцентки се Нела Оташевиќ и Јања Ражнатовиќ.