Драго ми е што сме овде и што на крајот на месецот ќе имаме можност да возвратиме за гостопримството на претстојниот „Битола Шекспир фестивал“, изјави Илина Чоревска по претставата

Одличен прием имаше претставата „Коцкар“ во режија на Дејан Пројковски, во продукција на Народниот театар од Битола, која беше изведена на фестивалот „Маштаније“ на големата сцена на Црногорскиот народен театар. Претставата е работена на познатиот текст на Ф.М. Достоевски. Костимограф е Благој Мицевски, сценограф Валентин Светозарев, автор на музиката е Горан Трајковски, а на сценските движења, Олга Панго.
Во „Коцкар“ играат актерите: Огнен Дранговски, Илина Чоревски, Јоана Поповска, Митко С. Апостоловски, Сандра Грбовска, Катерина Аневска Драгановска, Елена Моше, Николче Пројчевски, Маријан Ѓорѓиевски, Петар Мирчевски, Соња Ошавкова, Петар Спировски, Александра Димитровски, Никола Стефанов, Анастасиа Христовска и Благој Јовановски.
– Имам неколку театри во различни држави што ги чувствувам како свој дом и Црногорскиот народен театар, по „Бура“ стана еден од нив. Исклучително ми е драго што дојдов од Народниот театар од Битола, кој исто така го чувствувам како свој дом и прекрасно ми е што се сите тие луѓе овде заедно. Имам чувство дека добро искомунициравме со публиката, дека имавме една прекрасна вечер на фестивалот, кој веќе со своето прво издание покажува тенденции да стане многу важен и значаен регионален фестивал – изјави режисерот Пројковски за црногорските медиуми.

Пројковски во Црногорскиот народен театар во 2016 година ја режираше Шекспировата „Бура“, а деновиве почна да работи на претставата „Буре барут“, која премиерно на големата сцена ќе биде изведена на 5 октомври.
Црногорската публика со овации го поздравила актерот Огнен Дранговски, кој ја игра главната улога во претставата.
– Секогаш како уметник сакам да влезам во тој процес и да пронајдам нешто повеќе во себе, да се изненадам себеси, да видам колку можам да направам, колку можам да се трансформирам. Ликот што го играм никогаш не е класичен карактер туку секогаш има заднина на лична природа, секогаш во заднина е Огнен Дранговски што игра и преку Огнен публиката го гледа, во овој случај, Алексеј Ивановиќ – истакнал Дранговски по претставата.
Според него, „Коцкар“ ги соочува гледачите со бесот, револтот, со сите оние нерешени прашања што се провлекуваат низ животите на луѓето, со ужасниот однос на западните земји кон земјите на Балканот.
– Тие нѐ учат како да живееме европски, а всушност сето тоа е само привид. Насекаде околу нас гледаме жед за лесно стекнати пари, а од друга страна, исто така, гледаме дека луѓето не се подготвени да се коцкаат за себе, не се подготвени да излезат од комфорната зона за да направат нешто повеќе – вели Дранговски.

Актерката Илина Чоревска, актерка и уметничка директорка на Народниот театар од Битола, изразила задоволство од соработката со Црногорско народно позориште.
– Ова ми е седми пат да играм на сцената на Црногорско народно позориште, а првпат како уметнички директор на нашиот театар. Драго ми е што сме овде, и драго ми е што на крајот на месецот ќе имаме можност да возвратиме за гостопримството на Црногорското народно позориште на претстојниот „Битола Шекспир фестивал“ – вели Чоревска.
Црногорско народно позориште ќе гостува на „Битола Шекспир фестивал“ на 30 јуни со претставата „Зимска бајка“ во режија на Дино Мустафиќ. Чоревска во „Коцкар“ ја игра улогата на Полина Александровна и истакнува дека таа и Пројковски изградиле малку поразличен лик од тој во книгата.
– Полина не е мека жена како што можеби изгледа, таа станува остра и крута поради сето она што ѝ се случува во животот, а не поради самата себе. Во претставата немаме деца, поради кои таа всушност и прави сѐ што прави, но мислам дека тоа се чита на сцена, низ нејзините реакции и дилеми. Нејзината врска со Алексеј е садомазохистичка игра на робови и господари, трагична љубов што не завршува со хепиенд и на тој однос навистина долго работевме – додава Чоревска.
По претставата актерката Јоана Поповска, рече дека доаѓа во Црногорското народно позориште речиси секоја година.
– Ги сакам Подгорица, овој народ и чувствувам дека тоа е двострано. Признавам дека сум многу југоносталгична, мојата работа ме водеше по целата поранешна Југославија и пошироко, ваквите гостувања секогаш во мене будат некои посебни емоции. Она громогласно браво од публиката зборува многу и значи многу – рече по претставата Поповска.
На големата сцена на фестивалот меѓу другите беше изведена и Еврипидовата „Медеја“ во режија на Оливер Фрљиќ, во продукција на Словенско народно гледалишче од Марибор. К.Б.