Министерот за култура Хусни Исмаили го посети филмскиот центар „Вардар филм“ – Скопје. На средбата со директорот Насер Цури стана збор за функцијата и активностите на институцијата во смисла на тековното работење и давање техничко-технолошка поддршка на филмските продукции во земјата.

Директорот Цури го информира министерот Исмаили дека објектот во кој е сместен „Вардар филм“ последен пат е реновиран во 1978 година и истакна дека е потребно негово зајакнување, како и архитектонска интервенција во деловните простории.

На средбата беше разговарано за финансиската поддршка што НУ „Вардар филм“ – Скопје ја бара од Министерството за култура во насока на осовременување на техничките услови за сервисите што треба да ги испорачува, особено за потребите во делот на тонското студио и киносалата.