Читаме заедно 

Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на проектот „Читаме заедно!“ ја објави книгата „Куќата на џамијата“ од Кадер Абдолах, ирански писател што пишува и на холандски јазик. Неговото вистинско име е Хосеин Саџади Гемагами Фарахани. Тајно ја проучувал западната литература и го осознавал поимот за слободата. Како студент по физика во Техеран, пишувал за еден нелегален весник и тајно објавил две збирки раскази под псевдонимот Кадер Абдолах. На холандската литературна сцена дебитирал во 1993 година. Делата на Абдолах се преведени на повеќе од 20 јазици.
На македонски јазик досега во издание на „Антолог“ е објавена и „Бележникот на татко ми“ од овој автор.

Семејството на Ага Џан, главниот лик во романот „Куќата на џамијата“, со векови е едно од најпознатите и најмоќни семејства во градот. Тие живеат во раскошна куќа поврзана со џамијата. Верни на муслиманската традиција, секоја нивна генерација „раѓа“ по еден имам, духовен лидер на своето време. Кога умира имамот Алсабери, семејството го избира Галгал. Но неговите проповеди имаат политички конотации. Галгал се приклучува на антиамериканското движење и бега во друг град. Имамот е важен човек, но важен е и Ага Џан, богат трговец и писател. Тој сфаќа дека големите општествени промени носат тешки времиња. Сѐ повеќе членови на семејството ја напуштаат куќата на џамијата и тргнуваат по различни патишта.

Како одговор на слободниот живот, група предводена од Хомеини ја презема власта. Сите оние што не го почитуваат исламот на ист начин како што тоа го прават тие се егзекутирани на самото место. Ова е роман за богатството на иранската култура, суштината на исламот, уметноста, човековата природа, влијанието на радиото и телевизијата. Една од најпознатите книги напишани на холандски јазик.
Во изданието на македонски јазик преводот од холандски е дело на Ели Пујовска, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Кадер Абдолах беше гостин во Македонија на петтото издание на фестивалот на европската литература „Букстар“ и наиде на одличен прием кај македонската читателска публика.