Во издание на „Паблишер“ излезе од печат книгата „Син“ од шпанскиот автор Алехандро Паломас. Преводот на македонски е на Катерина Јосифовска. Книгата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
– Во прекрасната книга од едицијата „Приказни што нè обединуваат“, едноставно наречена „Син“ од Алехандро Паломас, станува збор за едно прекрасно насмеано дете по име Гил. Тој е син на отсутна мајка и непристапен татко. Интровертен, а сепак со широка насмевка и голема фантазија. Има само една пријателка – Насија. Зад неговата маска на мирнотија се крие ранлив свет, како дворец од стакло. Копнежот да биде Мери Попинс значи само едно – да ја открие вистината за осуството на мајка си и вистината за својата вистинска природа… Прекрасен, трогателен и истовремено среќен роман за детската психологија. Kнигата обработува современи теми на трогателен и неповторлив начин. Иако е наменета пред сè за деца и млади, успева да го зграпчи вниманието на секој читател од која било возраст, кој навлегува во возбудливата приказна на главните јунаци проткаена со суптилни и прикриени значења што ќе достигнат драматична разврска – велат од „Паблишер“.
Алехандро Паломас е современ шпански писател, новинар и преведувач на значајни автори. Дипломирал англиска книжевност. Пишува романи за деца и млади и за возрасни. За своите дела има освоено голем број признанија. Меѓу најзначајните дела му се вбројуваат романите: „Време на срцето“, „Тајната на Хофманови“, „Душата на светот“ и др. За романот „Син“ (2015) Паломас ја доби Националната награда за книжевност за деца и млади во 2016 година.