Објавен е најновиот роман на хрватскиот писател Дамир Каракаш насловен „Сина месечина“. Ова дело претставува предвоен роман од повоената хрватска книжевност, приказна што го следи животот на еден фанатичен рокер, пропаднат загрепски студент од провинција, на самиот крај на осумдесеттите години на дваесеттиот век. Во романот се прави спој на интимната и општествената атмосфера и уверливо се чувствува сликата на автентичната предвоена мачнина.

Дамир Каракаш (1967) е познат хрватски писател и карикатурист. Неговите книги се преведени на повеќе јазици и е добитник на значајни книжевни награди. Според неговата книга „Кино Лика“, е снимен истоимениот филм, кој неколкупати е наградуван во Хрватска и во странство. Според некои негови дела, поставени се и театарски претстави.
Романот го објави друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје.