„Македоника литера“ го објави романот „Само дојди си дома“ од словенечкиот писател Андреј Е. Скубиц, во превод од словенечки јазик на Давор Стојановски.
„Само дојди си дома“ (2014), кој во 2015 година е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, „кресник“,опфаќа многу актуелна и претходно необработена тема во словенечката книжевност: политичките тајкуни и корупцијата. Во вителот од настани, кои може истовремено да се читаат како крими-фикција и како драма, критиката препознава и референтни точки од познатиот јавен живот (на пр., аферата Чиста лопата) и на актуелни состојби во Словенија.

Ова е амбициозен и неверојатно читлив роман, со рафиниран фокус, динамичен дијалог и со комплексни ликови. Романот е анализа на состојбата на општествениот и на политичкиот морал, но без морализирање; на машко-женските односи во ултракапиталистичкото општество, но без сексизам; и на вонвременските теми како искушението, човечката интимност, општествениот успех и пад.
Андреј Ерменц Скубиц (Љубљана, 1967) е словенечки прозаист, драматург и преведувач. Тој е еден од најнаградуваните и најафирмирани современи словенечки писатели.