„Реторички лексикон на поими и дефиниции“ на Трајко Огненовски е првиот ваков вид лексикографски труд за македонски јазик, кој неодамна го издаде „Македоника литера“. Лексиконот е во обем од над 4.000 единици и може да се смета за капитален проект за македонскиот јазик и македонската лексикографија. Ги зафаќа стандардниот македонски јазик, македонските дијалекти, македонската фразеологија и лексиката, третирани од реторички, комуникациски и лингвистички аспект.

– Лексиконот навлегува во реторичката сфера на македонскиот јазик за да им помогне на корисниците за запознавање, покрај другото, и со општите и посебните реторички особености на македонскиот јазик, како и со улогата на самиот јазик во ораторството. Меѓу поглавните грижи на составувачот му беа дефинициите што ги следат поимите и термините да бидат јасни, информативни и лесно разбирливи и врз примерите за нив (сметани за неизбежни) да се употребуваат во секојдневната комуникација. При објаснувањето на термините водена е грижа да се опфати нивната вистинска и објективна важност и значење, поради што се користени голем број лингвистички трудови, учебници, лексикони, речници од домашна и од странска литература – посочува меѓу другото издавачот.