„Дуке лар нечистите алишта“ е наслов на препевот на збирката поезија на мексиканско-американската поетеса Наталија Тревињо, кој неодамна го издаде „Академски печат“. Книгата ѝ припаѓа на американско-мексиканската книжевна струја наречена чикана, гранка на американската литература што ги опфаќа авторите со мексиканско потекло родени во САД.
Оваа збирка поезија се смета за едно од малкуте чикана-дела преведени на македонски и на албански јазик и едно од малкуте такви поетски дела во препев. „Дуке лар нечистите алишта“ е напишана на англиски јазик, со мали делови на шпански, а во неа доминира женскиот глас, кој пее за т.н. „женски“ теми: позицијата на жената во домот, семејството, современото општество и др. Книгата меѓу другото нуди увид и во бикултурните аспекти на мексиканските мигрантки во САД.

Наталија Тревињо е родена во Мексико Сити, а детството го поминала во Сан Антонио, Тексас, каде што живее и денес. Таа е вонредна професорка по англиски јазик на колеџот „Нортвест виста“ и е членка на фондацијата „Макондо“, задолжена за работилници за креативно пишување, чија цел е поттикнување социјални промени без насилство. Добитничка е на повеќе награди во САД, а македонската публика ја запозна како учесничка на интернационалниот поетски фестивал „Денови на Наим“ во Тетово пред две години, каде што ја доби наградата „Менада“. Поради дводомната природа на поезијата на Тревињо, препевот е на македонски и на албански јазик. Преводот на македонски јазик е на Елена Пренџова, а на албански јазик е на Јордана Шемко-Георгиевска.