Две викенд-работилници за филмска критика ќе се одржуваат на 17 и 18 април и на 15 и 16 мај во Скопје, во организација на колективот „Гледај.мк“, во соработка со „Јуроп хаус Скопје“. Работилниците ќе ги водат менторите Васко Маглешов и Јована Ѓорѓиовска. Како што стои во повикот за пријавување, освен учеството на двете работилници, младите рецензенти континуирано ќе бидат охрабрувани за да ги развиваат своите вештини за креативно пишување и критичко мислење преку работа и објава на најмалку две филмски рецензии. По завршувањето на работилниците, сите учесници ќе добијат можност за дополнително менторирање и редовно објавување на рецензиите на gledaj.mkc.mk и во партнерските медиуми.
Работилниците се наменети за млади луѓе (помеѓу 16 и 29 години) што живеат/престојуваат во Скопје. Заинтересираните за учество на работилниците ќе можат да се пријават на линкот: https://forms.gle/kNSpKLgCiiN3JEVJ6
Крајниот рок за пријавување на повикот е 9 април.

Логистичките детали за одржувањето на работилниците, како и деталната агенда, ќе бидат споделени со избраните учесници на работилниците на 13 април. Работилниците ќе се одржуваат во согласност со сите протоколи за заштита од ковид-19, во просториите на „Јуроп хаус Скопје“ и/или во хибриден формат, преку дигитални алатки за комуникација, во зависност од епидемиолошката состојба. „Гледај.мк“ е неформален колектив за филмска и театарска критика, кој веќе три години активно поддржува млади рецензенти што континуирано се едуцираат за културата и аргументирано се изразуваат за остварувањата што ги гледаат. За сите посетени настани, рецензентите редовно објавуваат рецензии, охрабрувајќи ја дискусијата помеѓу уметниците, како создавачи на делата, и публиката, како нивен активен и информиран гледач.