Здружението за култура и заеднички вредности „Слово 21“, организатори на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ го објави  конкурсот преку кој ќе се избираат најдобрите поетски творби за овогодинешното издание на манифестацијата. Темата и формата на песните се слободни.

– Пристигнатите песни ќе ги оценува стручна комисија, која освен избор на наградени, ќе направи и селекција на автори што ќе бидат застапени во заедничка збирка. Ги покануваме сите афирмирани поети, како и младите талентирани поетски пера да се пријават. Најдобрите ќе настапат на поетското читање во Гостивар и ќе се борат за фестивалските награди, кои се состојат од статуетки и книги“ – велат од Здружението за култура и заеднички вредности „Слово 21“,

На годинешното издание на фестивалот, шесто по ред право на учество имаат поетите од Македонија и од балканските земји, и тоа во две возрасни категории, до 18 години и над 18 години. На конкурсот учествуваат со испраќање  три необјавени песни, не подолги од 32 реда, напишани на мајчин јазик. Учесниците на кои македонскиот не им е мајчин јазик, творбите треба да ги доставуваат со препев на македонски или на англиски јазик.

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар се организира во чест на 24-ти Мај, Денот на Св.Кирил и Методиј. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура.

Творбите се испраќаат на електронската адреса на фестивалот: [email protected]., заедно со лични податоци за авторот. Крајниот рок за пријавување е 11 април.