„Античкото богатство на прилепскиот регион“ е најновото дело на археологот Душко Темелкоски, кустос-советник во прилепскиот музеј. Станува збор за водич-брошура преку која читателите ќе можат да се запознаат со древното културно наследство од античките периоди: раната антика, времето на владеењето на македонските кралеви и римскиот период. Преку лесно читлив текст, во водичот се содржани и мошне впечатливи фотографии од археолошки наоѓалишта од Прилепскиот Регион (античкиот урбан центар Стибера, монументалната гробница на пелагонискиот крал помеѓу селата Подмол и Бонче), како и од репрезентативни предмети пронајдени при археолошките истражувања (мермерни скулптури, накит, оружје, монети).
– Идејата за водичот беше на Кирил Котески, кој е мецена. Преку неговата работа, тој осознал дека е потребен ваков промотивен материјал за Прилепско. Имено, многупати, туристи намерници или нашинци што живеат надвор од државава, посетувајќи ги неговите објекти прашувале дали има да понуди некаков водич во кој е претставено историското и културното наследство на Прилеп и неговата околина. Двајцата се најдовме на иста бранова должина, по што идејата се реализира за мошне краток период. Водичот е двојазичен, со превод на англиски од професорката Стевка Небрежанец – вели археологот Душко Темелкоски. Тој наедно најави и продолжување на соработката со Котески и издавање други водичи во кои ќе се презентира богатото културно наследство на Прилеп и неговата околина.