Објавени се книгите за правоговор „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ и „За секоја буква приказна“, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Станува збор за реиздание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски, кое, 25 години по првата објава, деновиве излезе од печат во ново освежено издание. Исто така на промоцијата беше претставена и новата книга на Димовски, „За секоја буква приказна“, која може да се користи како дополнување (еден вид вежбанка) на прирачникот за изградување на изговорот, говорот и јазикот, но и независно во фазата на описменување на децата.

Првото издание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“, на кое Димовски е коавтор со сега починатиот Јордан Јорданоски, е објавено во 1995 година. Книгата и денес претставува еден од најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика. По цели 25 години, прирачникот излегува повторно од печат, преуреден и осовременет со нови илустрации што одговараат за дадената (лексичка) положба на секоја од разработените фонеми. По повод објавувањето на новото издание на овој прирачник, Владо Димовски истакна дека во втората книга, „За секоја буква приказна“ од Владо Димовски, авторот напишал 31 приказна – за секоја буква од македонската азбука по една. Во секоја приказна има многу зборови што почнуваат на буквата за која ни раскажува приказнарот. Читајќи за авантурите на едночудо необични јунаци, ние всушност учиме да ги препознаваме буквите и да ги изговараме правилно.