Двата тома „Критички методи и толкувања“, издание на МАНУ кое произлезе од научно-истражувачкиот проект „Методи на книжевната херменевтика“, деновиве излегоа од печат. Томовите се приредени од академик Катица Ќулавкова, а во нив се објавени текстови на 22 автори.

Според МАНУ, во македонската книжевна наука досега немало ни изворни (македонски), ни преработени книги (зборници, хрестоматии), во кои систематизирано се претставени систематизирани водечките критички и толкувачки методи.

– Во овие два тома се прикажани најзначајните критички методи на книжевноста (од дијалошката критика на Бахтин, структурализмот и семиотиката, до постструктурализмот и деконструктивизмот, теоријата на рецепцијата и критиката на читателскиот одговор, потем психоаналитичката, архетипската, ритуалистичката и интертекстуалната критика, постколонијализмот, синкретичкиот и интермедијалниот метод, новиот историцизам, културолошките, наратолошките, театролошките и филмолошките стратегии, како и стрип-етстетиката. Секој прикажан метод е, во одделен оглед, проследен со оригинални толкувања на конкретни книжевни и уметнички дела на македонски и светски автори – наведува издавачот за делото.

Функцијата на оваа двотомна хрестоматија, се додава, не е поврзана само со нејзиниот теориски карактер, туку и со нејзината наставно-образовна функција. Поради тоа, ова издание е колку репрезентативно толку и корисно за македонската современа наука и култура.

Како автори на текстовите се јавуваат, покрај К. Ќулавкова, и универзитетските професори: Иван Џепароски, Венко Андоновски, Јасна Котеска, Антоанела Петковска, Лидија Капушевска Дракулевска, Марија Ѓоргиева Димова, Ангелина Бановиќ Марковска, Мируше Хоџа, Владимир Мартиновски, Силвана Балнат, Бујар Хоџа, Вангел Ноневски, Ана Стојаноска, Калина Малеска, Соња Стојменска Елзесер, Анастасија Ѓурчинова, Нина Анастасова Шкрињариќ, Ана Кечан, Искра Тасевска, Кристина Димовска и Бошко Караџов.

Книгите можат да се набават во книжарницата на МАНУ.