Археолошкиот музеј на Република Македонија ја издаде студијата „Епископијата на Брегалница и Моробисдон од VII до XIV век“ од археологот Кирил Трајковски, посочувајќи ја како долгоочекуван труд во научните кругови на целиот балкански простор. Уредничка на ова монографско издание е Ана Јорданова-Дубровска, а издавањето е финансиски поддржано од Министерството за култура и од фондацијата „Кирил Трајковски“.
– Оваа студија е дисертациска тема на Кирил Трајковски, иницирана од резултатите произлезени од реализацијата на проектот „Средновековен Моробисдон (1980 – 1999)“, чиј раководител беше тој. За фундаменталната поткрепа на главната тежишна тема е даден преглед на сите досега евидентирани и истражувани локалитети во источномакедонските простори од времето на првата христијанизација до варварските налети во VI и VII век и натаму, до замирање на некои од нив и до егзистирање низ средновековието за време на бугарската и српската доминација, испреплетени со најдолго константната (со прекини) византиска, а потоа османлиска доминација на овие простори.

Притоа се обработени 22 локалитети, наведени се сите историски помени и извлечени се сите можни сегменти од историските извори во кои се спомнува населбата, со извесни разлики во нејзиното именување, а поврзани до ден-денешен со постојната населба Мородвис, која инаку е врзувачка историска вертикала со епископијата од раното средновековие, главно црковно средиште за нашиот автор во брегалничката област.
Кирил Спасиков Трајковски го даде својот професионален максимум во ова свое дело, кое патем не успеа да го доврши, но го остави како една своевидна целина. Тимот без кој Кирил не можеше да си ја замисли својата професионална функционалност, а и животната приказна, го сочинуваа Мишо Милојевиќ, Пере Тошев, Блажо Ѓеорѓиевски и Паско Кузман – напиша за книгата самиот Паско Кузман.