Книгоиздателството „Бегемот“ ја издаде книгата „Стрип – деветтата уметност“, капитална теоретска објава посветена на медиумот, уметничкото творештво, општествените влијанија и естетиката на стрипот. Книгата претставува ново, изменето и опсежно, речиси двојно дополнето издание на првата македонска теоретска книга во доменот на „деветтата уметност“, првично објавена под насловот „Стрип – запис со човечки лик“, најнапред во 1987 година (на 133 страници, во издание на „Млад борец“, Скопје), потоа и во 2002 година (со 199 страници, во издание на „Култура“, Скопје) и сега, со голем број нови теми, содржини и илустрации, на 346 страници текст и слики. Со тоа се дополнува празнината што настапи по веќе дамнешното исцрпување на оваа книга, за која не престанува интересот меѓу генерациите автори, проследувачи и љубители на деветтата уметност.
– Студијата на Османли, која феноменот на стрипот го разгледува „од развојот на медиумот до актуелната идеологија и типографија на деветтата уметност“, го носи теоретскиот поднаслов „Антропоморфизмот на стрипот“, според тезата на овој наш автор, дека стрипот е фигуративен и како таков – антропоморфен медиум и уметност. Томислав Османли нив подробно ги претставува во воведниот теоретски текст на својата книга насловен „Белешки за медиумската еманципација на стрипот: Пледоаје за современиот стрип“, низ 17 тези извлекувајќи мноштво релевантни теоретски заклучоци за карактерот и својствата на стрипот како медиум и како уметност. На трагата од овие свои постулати, Османли ги истражува медиумските граничници и експериментални стрипови и отаде „човекообраната фигурација“, во стрип-творбите што се стремат да донесат „чисто графичка динамика“ на непредметни или апстрактни форми – соопштуваат од „Бегемот“.
Појава на студијата за стрипот, легендарниот стрип-автор, карикатурист и аниматор Дарко Марковиќ ја означи на следниот начин: „Ако досегашните дострели во истражувањето на стрипот кај нас ги означиме со восочна свеќа, тогаш истражувањата на Османли претставуваат ласерски зрак во оваа област“.
Студијата „Стрип – запис со човечки лик“ доживеа надворешни афирмации.
– Новото проширено издание, кое се појавува под новиот наслов „Стрип – деветтата уметност“, носи квалитети на сосем нова објава: авторот, покрај додатоците и елаборациите во сите содржини, воведува едно сосем ново опсежно и богато обработено теоретско поглавје „Стрип и ангажман“, во кое, врз голем број примери на стрип-творби, го разгледува поимот на политичкото дејство на деветтата уметност. Освен тоа, Османли, инаку автор на хрониката на македонскиот стрип од неговите почетоци сѐ до оваа негова деветта декада, опсежно ги дополнува содржините на порано застапените стрип-дејци, како и листата на автори на деветта уметност од поново време. Притоа, сообразно со ширењето на графичката уметност на други, но сродни домени, го одбележува творештвото на стрит-арт на побележитите од плејадата македонски графити-артисти. Книгата содржи и детален индекс на објавите на и за стрипот, како и на стрип-изложбите на нашите стрип-автори – додаваат од „Бегемот“.
Книгата „Стрип – деветта уметност“ финансиски е поддржана од македонското министерство за култура.