Збор по збор

Бошко Рајчовски-Пелистерски, активист, поет и новинар, роден во Преспа, кој повеќе од педесет години живее во Америка, е автор е на четири книги и прв член на Друштвото на писателите на Македонија од редовите на иселеничките творци. Деновиве излезе од печат неговата нова стихозбирка, со наслов „Раѓање“, во издание на „Македонска искра“, која е посветена на сто години од раѓањето на великанот, доајен, академик и кодификатор на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Стихозбирката почнува со стиховите од „Тешкото“.
– „Раѓање“ е своевидно сведоштво за авторовиот животек во двете татковини, Македонија и Америка, за животекот на двата континенти. Тоа е мошне интересна компонирана хроника на поетската роднокрајна љубов, носталгија, постигнувања, искушенија, надежи и очекувања. Бидејќи уште како млад заминал таму, каде што век векува преку океаните, во Мичиген – вели издавачот.
Рајчовски е силно посветен во организирањето на „Љубанските иселенички илинденски средби“, а пред тоа и на „Фолк-фест Преспа“, кои се масовно посетувани манифестации и остануваат како траен културен белег за овој крај. Во својот полувековен иселенички животек бил ангажиран на повеќе полиња и на многу проекти. Тој е еден е од основачите на најголемиот македонски духовен храм на северноамериканскиот континент „Св. Богородица“ во Детроит. Тој педесет и три години упорно, истрајно и со посветеност ја води и уредува радиопрограмата „Оро македонско“, која се емитува во Детроит и во Чикаго и е своевиден мост меѓу старата и новата татковина. Познатиот радиочас е еден од најдолговечните медиуми на тие простори и има голема улога и мисија да се слушнат македонскиот збор, вистина и песна. Рајчовски-Пелистерски повеќепати учествувал на „Струшките вечери на поезијата“.