Деновиве од печат излезе новиот роман на академикот и писател Митко Маџунков, насловен „Правта на библиотеките“. Тој е дел од познатиот „белградски“ циклус романи на Маџунков, кои се случуваат од сабота до понеделник во мај 1986 година, а чие дејство опфаќа подолг временски период (годините пред распадот на Југославија, па сѐ до разнебитувањето на Македонија). Циклусот започна со романот „Времето на ирвасите“, а по него следуваа „Птиците од ланските гнезда“ (добитник на наградата Роман на годината), „Непостојната книга“, „Правта на библиотеките“, а целината ќе се заокружи со „Времeто пред приказната“, чие објавување е планирано за 2020 година.

Како една заокружена приказна, романот говори за светот како пародија на сопствените вредности, базиран врз фалсификати наспроти злоупотребените оригинали. Во романот е устроен еден сосема нов книжевен простор каде што „Пеколот на Данте Алигиери“ станува само едно негово катче, а низ тој простор Дон Кихот слободно шета борејќи се за спасот на Македонија.