Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја објави книгата на Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, „По трагите на древните цивилизации“, во која се синтетизирани разновидните проучувања, кои се однесуваат на најдревните културни традиции, писма и литератури. Книгата овозможува детален увид во специфичностите на одделните цивилизации, а особено на древните литератури што им припаѓаат на тие цивилизации. Во неа се опфатени месопотамската, египетската, индиската и хеленската цивилизација. Во рецензијата на Венко Андоновски, пишува дека „книгата на Тасевска Хаџи-Бошкова е идеална хармонија на два пристапи: енциклопедискиот (кој подразбира акумулација и систематизација на научно проверени податоци, синхрониски и дијахрониски) и херменевтичкиот (интерпретација, односно толкување на книжевниот текст)“.