Списанието „Њујоркер“ објави досега непозната приказна на американскиот писател Ернест Хемингвеј со наслов „Трагањето како среќа“. Во неа главниот јунак наречен Ернест Хемингвеј заедно со пријателите се обидува да улови огромна сабјарка. Заплетот на приказната се испреплетува со настаните од романот „Старецот и морето“, кој првпат е објавен во 1952 година. Внукот на писателот Шон Хемингвеј го пронашол ракописот во библиотеката и музеј на Џон Ф. Кенеди во Бостон.

Познатиот американски писател Ернест Милер Хемингвеј е добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1954 година. Голем број негови дела, како што се „За кого бијат камбаните“, „Збогум оружје!“, „Старецот и морето“, се преведени на многу јазици и спаѓаат во светското книжевно наследство. Хемингвеј бил учесник во Втората светска војна.
Како воен дописник, учествувал во летовите на британските воздухопловни сили, опишувајќи го истоварувањето на сојузниците во Нормандија, а во август 1944 година влегол во Париз со американските трупи. Награден е со бронзена ѕвезда за храброст.