„Мечтите на хирургот“ од Ѓорѓе Зафироски, во издание на издавачката куќа „Бата прес“, содржи 213 страници со 33 поглавја и 35 слики. Тоа е петта негова книга во низа во едицијата за медицинска литература. Во книгата е опишан животниот пат на авторот.

Во книгата ќе најдете пораки и препораки како преку раните симптоми на болестите да дојдете до оздравување. За да постигне успех во животот преку мечтите, макотрпната работа, амбициите и вечниот нагон кон патувањата за стекнување нови сознанија допрел до врвот на достигнувањата во сопствената струка. Авторот е универзитетски професор по ортопедска хирургија, онкологија и трауматологија. Работел во медицинскиот центар во Гостивар и на Ортопедската клиника во Скопје, а по пензионирањето активно работи во приватни болници.

– Патот по кој тргнал биле писмото, науката и светлината. Во книгата ќе откриете тајни како болестите ви ја кршат душата, но благодарејќи на вербата и надежта со љубов може да се оживее сѐ во нас, па дури да се оживеат вековите, нашите предци во сеќавањата и да се запишат како трајни спомени. Практичното искуство на авторот може да ви биде од непроценлива вредност. Тоа е интересно четиво за еден скромен човек, врвен стручњак во македонската медицина, познат и признаен во светот.

Рецензентите топло ви ја препорачуваат книгата „Мечтите на хирургот“ – се вели во предговорот.