Книгата кратки раскази „Зимски сладолед“ на Васил Тоциновски излезе деновиве во издание на „Феникс“. Таа содржи 57 наслови што се читаат со интерес и леснотија. Станува збор за урбана и актуелна проза што има точно одредени сопствени време и простор, но темите и мотивите поседуваат универзални димензии, како релевантни назнаки според кои приказните како ука и поука дотекуваат од сите страни на светот.
Зимскиот сладолед како своевидна метафора упатува на етичките и естетските вредности потврдени во љубовта, разбирањето, довербата и соработката, другарството, пријателството, верноста и искреноста, разбирањето и односот кон другиот и другото во ова наше забрзано и исполнето со недоумици превртено време. Секој расказ е одвоена приказна, но истовремено текстовите создаваат хомогена целина што ја обединуваат детството како најубав цвет што секој човек потајно го носи во себе и единствената, неповторлива мисла оти само слободниот човек може да биде среќен човек. Во малите и катадневни случувања, Тоциновски ги пронаоѓа и како читателско насладување ги напишал расказите: „Златни пеперутки“, „Миг пред градинката“, „Приказна за гугутката“, „Докторката Веселка“, „Да се победи стравот“ и други.
Во „Зимски сладолед“, Тоциновски рамносилно ги користи наративниот запис и во прво и во трето лице. И самиот се јавува како лик. Светот на возрасните, пак, е сместен во почетните и во завршните текстови „Даровна песна“, „Прозорците се очи на куќите“, „Докторката Веселка“, „Книгата е напишана“, „Допишување“, кои ги засегнуваат клучните димензии и вредности на егзистенцијата на човекот, животот и светот, и ненаметливо нѐ внесуваат во волшебностите на детето и детството. Умешноста и дарбата да се обединат во една целина како квалитет ги дополнува поентата што ги заокружува текстовите како вредносен прилог, не само во творештвото на авторот туку и во современата македонска книжевност.