„Последната лента на Крап“, во изведба на маестралниот Ѓорѓи Јолевски, првенец на МНТ, и 30-минутен разговор со него се закажани на 3 ноември, на малата сцена во МНТ, во 20 часот.
Наедно и гостинот Владимир Јанчевски, историчар на уметност, куратор и преведувач и драматург на претставата, ќе има кратко предавање на тема „Македонскиот јазик во преводот на ‘Последната лента на Крап’ и фазите на подготовки во општествените околности“.
– Можноста што ја имавме ние, гледачите, да поразговараме со актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски непосредно по изведбата на неговата (и Бекетова) претстава „Последната лента на Крап“ во Македонскиот народен театар, ни покажа колку е важен живиот и отворен разговор за уметноста денес и како се преплетуваат уметничката креација и човечката егзистенција. Поаѓајќи од одговорот на прашањето што значи да се поставува драмски текст за самонаметната, доброволна изолација во време на сеопшта изолација, Јолевски ни ги толкуваше поттекстите низ кои ова драмско дело, напишано пред повеќе од шеесет години, говори за нашата реалност, за она што се случува сега и овде или, уште поточно, сега и насекаде во светот – се впечатоците на писателот Гоце Смилевски за претставата.
Tеатрологoт и писателката Ана Стојаноска, пак, вели дека „Последната лента на Крап“ е претстава што треба да се види, претстава за која треба да се разговара и претстава што уште долго ќе остане во нашата и интимна и колективна меморија, затоа што ни го покажува театарот во неговата соголена суштина – како исклучително моќен емотивен однос меѓу актерот и публиката.