Деновиве е отпечатен новиот, втор број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ за 2019 г., кое го издава НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. На страниците на списанието има објавено проза, поезија, критики, преводи, препеви. Во рубриката за проза се застапени прозата „Крајот на сезоната“ на Тања Урошевиќ, два циклуса раскази на Елизабета Баковска, седум кратки прози на Владимир Мартиновски, како и расказите „Туѓата моја приказна“ на Владимир Илиевски и „Сеанса“ на Бобан Богатиновски. Во рубриката поезија се најновите поетски остварувања на Чедо Шопкиќ, Сузана Ѓорѓиевска, Тони Павлески, Никола Маџиров и Иван Антоновски. Претставен е и извадок од необјавениот роман „Лазарка“ на Љупчо Петрески, како поезија на црногорскиот поет Милика Павловиќ во препев на Давче Насевски и песни на кинескиот поет Оујан Цианхе, препеани од англиски јазик на македонски од страна на Никола Маџиров.