Најголемото до денес познато научно истражување на Вермеровата слика резултира со изненадувачки откритија, објави хашкиот музеј „Маурициус“ каде што е изложена

Ниедна Вермерова слика не го привлекува вниманието на историчарите на уметноста како „Девојката со бисерна обетка“, која во очите крие посебна длабочина.
– За сликата откривме повеќе од кога било досега – изјави директорката на музејот „Маурициус“ во Хаг каде што е изложена, Мартине Госелинк.
Групата експерти установија дека холандскиот барокен сликар Јоханес Вермер (1632-1675 г.) на познатата слика зад девојката насликал и зелена завеса, која со време исчезнала.

Со помош на рендгенски скенер успеале да ги детектираат и трепките, кои не се видливи со голо око. Исто така заклучиле и дека бисерната обетка, по која сликата е насловена, едноставно лебди во воздухот бидејќи не постои флексибилна жица што ја прицврстува за ушната ресичка.
Благодарение на ова истражување, првпат детално е опишана и палетата бои што ги користел Вермер. Но и покрај деталниот преглед не е откриена најголемата тајна на сликата – идентитетот на девојката.

Според некои извори, девојката ја претставува Вермеровата најстара ќерка Марија, која во моментот на настанокот на платното имала 12 или 13 години. Марија и самата била сликарка, па според мислењето на дел од стручњаците, се смета за авторка на голем број од сликите на татко ѝ.
Меѓународен тим експерти ја истражуваа сликата, настаната меѓу 1665 и 1667 година, и во март 2018 г., користејќи притоа најнови техники на скенирање. Тоа беше втората голема научна анализа на ремек-делото по онаа од 1994 година.