„Процесот на Слански и други чешки судбини“ и „Храбал – тажниот крал на чешката книжевност“ се двата нови наслова во едицијата „Прашки ракописи“ на Ристо Лазаров, во издание на „Везилка 2011“. Првиот е посветен на познатиот процес против Рудолф Слански, секретар на Комунистичката партија на Чехословачка, и уште на 12 високи функционери, речиси сите Евреи, кои во декември 1952 година, во сталинистичка чистка, експресно се осудени на смрт со стрелање. Слански прв се појавил пред судот, обвинет, како и другите, за титоизам. Ракописот го зафаќа сталинистичкиот период во Чешка, вклучувајќи ги и подигањето и уривањето на огромниот споменик на Сталин во Прага.

„Храбал – тажниот крал на чешката книжевност“, пак, е краток животопис на Бохумил Храбал, познат раскажувач, романсиер и сценарист, автор на сценаријата за филмовите „Песот што лаеше на возовите“ и „Го служев англискиот крал“, за кого Милан Кундера вели дека е најголем чешки писател.