Во издание на литературното списание „Современост“ од Скопје излегоа книги од нови македонски автори, романот „Сенката на сонцето“ од Иван Стојановски и поетската збирка „Скршен аватар“ од Магдалена Чапаровска. Романот „Сенката на сонцето“ претставува дебитантско романескно остварување на македонски јазик на Стојановски (1982, Скопје) од доменот на ретко застапената епска фантастика, додека „Скршен аватар“ е втора поетска збирка на поетесата Чапаровска (1983, Скопје).

– Цикличниот наратив заради кој доаѓа до завршени наративни сегменти што одразуваат настани на некои од ликовите во „Сенката на Сонцето“ неретко експлоатиран во епската фантастика, одразен на оригинален начин, е една од поретките специфики на овој роман за ова поднебје, но сепак, она што е најинтересно е разновидноста од формални и семантички методи, кои авторот умешно ги вкрстил со свој печат – вели Стефан Марковски.

Лидија Капушевска-Дракулевска, пак, пишува за книгата на Чапаровска и вели дека „понудениот ракопис претставува едно комплексно трагикомично симболичко дело, хибридно остварување реализирано преку монтажа и симбиоза на епско-лирски и драмски елементи, од една, и на митско-фантастични теми и мотиви со научнотехнолошки достигнувања, од друга страна“.