Феномените на сонот и на стареењето

Професорот Методи Чепреганов, доктор на медицински науки, познат невропсихијатар не само во Македонија, ја објави својата 49-та книга, со едноставен (едноставен кога станува збор за медицината) наслов. Книгата, насловена „Сон“, е во облик на монографија и третира област што навлегува во неврологијата, психијатријата и психологијата.
Сонот отсекогаш кај човекот бил предмет на интерес, тој е дел од нашиот секојдневен живот. Професорот Чепреганов и коавторката, доцентка по неврологија Татјана Чепреганова-Чанговска (негова ќерка) преку детален научен пристап, заснован на теоретски и клинички сознанија, го објаснуваат феноменот на сонот и сонувањето, при што прават симбиоза на невролошките појави и ги разјаснуваат неговата физиологија и патофизиологија. Меѓу другите, особено е интересно поглавјето каде што се опишани сите нарушувања на сонот. Се објаснува честата појава на инсомнија, односно несоницата што е почеста кај жените, а дејствува на срцевата функција, емоцијата и когнитивните функции кај човекот.

И неговата претходна книга, објавена летоска, третира интересна проблематика, особено за возрасната популација. Книгата насловена „Стареењето на мозокот – дегенеративни афекции“ е заеднички труд на Чепреганов и неговиот француски колега Жан Луј Дитман, светско име во неврологијата, професор на Медицинскиот факултет во Стразбур, и доцентката Татјана Чепреганова-Чанговска. Авторите навлегуваат во една интересна проблематика што никогаш не губи од својата актуелност, а тоа е човечката психа при стареењето, со акцент на когнитивните функции на човекот, односно на неговиот мисловен процес, интелигенцијата, вербалната комуникација, интелектуалниот развој, сознателните способности, како и меморијата во поодминатите години. интелигенцијата и карактерните особини на личноста. Објаснети се сите болести што се поврзани со мозокот, почнувајќи од дегенеративните процеси, како болеста на Алцхајмер, фронтотемпоралната деменција, мозочните атрофии и други мозочни дементни состојби. Кај сите нив, покрај особеностите на клиничката слика, дадени се и правени слики со магнетна резонанца, а во некои случаи и пет-скен.

Во двете книги се опфатени најактуелните светски сознанија, протокол и начини на терапевтски третман како на сонот, така и на стареењето. Монографиите се високопрофесионален и стручен труд од областа на неврологијата, посветени на теми што досега не бил научно темелно и сеопфатно третирани во македонската медицинска литература. Со нив, несомнено, е збогатена македонската медицинска ризница. Тие наводи ги истакнува и рецензентот на книгите Илија Џонов. Монографиите, напишани колку на стручен медицински јазик толку и разбирливи за мнозинство упатени, се наменети како за лекарите од општа практика така и за сите лекари специјалисти, за студентите на медицина, но и за секој читател што сака да дознае повеќе за сонот и за начините како да се забави процесот на стареење. П.К.