Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева и Венко Андоновски

Целта на овој проект е да ja искачи книжевноста за деца чекор погоре на скалата на уметнички, образовни и морални вредности. Токму затоа книгите се пишувани од едни од највлијателните творци на македонската проза

Во Градскиот парк на Школка беа промовирани новите книги за деца и млади на истакнатите македонски автори: Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева и Венко Андоновски, во кои главните ликови се Стела и Сани. Исто така, промовирана е и целата едиција сликовници „Стела и Сани“, како и новата „Еден облак бел и 12…“ напишани од Бистра Георгиева, а илустрирани од Катерина Николовска.
Целиот проект, што ги опфаќа книгите во издание на „Паблишер“, е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, а е во соработка со „Вертиго вижуал“, кои се творците на овие двајца анимирани херои.
– Целта на овој проект е да ja искачи книжевноста за деца чекор погоре на скалата на уметнички, образовни и морални вредности. Токму затоа книгите се пишувани од едни од највлијателните творци на македонската проза. Макар што Сани и Стела се ликови во сите книги, тие се наоѓаат во различни ситуации и се на различна возраст. „Ѕвездена џунгла“ од Јагода Михајловска-Георгиева ќе ги однесе најмалите до вселената заедно со Едан и Асја, Винка Саздова, пак, во „Ти носам пустински песок“ ќе ги наведе малку поголемите нестрпливо да ѕиркаат во поштенското сандаче, а Венко Андоновски ќе ги повика тинејџерите да го допишат романот „Имаш пчела на носот“. Но иако се наменети за деца од различни возрасти, од најмали до тинејџери, книгите имаат иста идеја: квалитетна литература – велат организаторите.
Настанот изобилуваше со активности, организирани на тој начин што ќе ги поттикнат детската љубопитност и желбата за знаења.