Неодамна завршија археолошките истражувања на локалитетите Велушка Тумба кај Породин и Влахо кај Живојно. Годинашното истражување беше насочено на едни од најраните неолитски населби во Пелагонија, a кое е дел од континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) и НУ Завод и музеј – Битола.
Во рамките на истражувањата се открија остатоци од неолитски живеалишта и материјална култура и на двата локалитета, кои се поврзани со првите земјоделци што формирале населби во Пелагонија пред околу 8.000 години. На Велушка Тумба се работеше во најдолните слоеви на населбата, каде што се документираше една од најраните нејзини градби, од која се открија под, огниште, колци и ѕидови, како и остатоци од садови, жртвеници, фигурини, мелници, алатки и др.
На локалитетот Влахо кај Живојно, кој претставува издигната тераса меѓу суводолици, се истражуваа повеќе сонди со кои беа детектирани границите на оваа голема неолитска населба. Притоа се открија повеќе слоја од ранонеолитската населба со остатоци од објекти градени од горен и негорен лепеж, компактни подови и големи огништа. Во и меѓу нив се пронајдоа фрагменти од садови, фигурини, алатки и мелници, кои говорат за стопанството и верувањата на првите предисториски земјоделци во Пелагониската Котлина.
Истражувањата продолжуваат со археоботанички, археозоолошки и радиокарбон-анализи, додека тековните и целокупните сознанија ќе се публикуваат во македонски и меѓународни списанија и зборници, а наедно ќе бидат претставени на неколку европски конференции. На тој начин ќе се овозможи врвно претставување на македонското предисториско културно наследство и негово афирмирање меѓу еминентни научници и институции.