Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе се одржува од 15 до 21 јули, со богата филмска програма со повеќе од 40 филма. На фестивалот публиката ќе има можност да ги погледне најновите остварувања на Јасмила Жбањиќ, Андреј Кончаловски, Висар Морина, Џиа Копола, Кирил Сребреников, Вуди Ален, Педро Алмодовар…
– Како увертира на годинашното јубилејно издание, во тек е Европското патувачко кино, кое се одвива под отворено небо. Досега ги посетивме Крива Паланка, Струмица и Струга. Јубилејот го одбележуваме со одлична програма, од која дел е донесена директно од Канскиот фестивал, со свежи наслови и имиња, како и со богата музичка програма со која ги враќаме концертите во живот. Годинашнава програма, на наша радост, вклучува и гости од регионот и малку пошироко, дел од нив и физички присутни, дел онлајн со свои предавања, мастеркласови и средби со публиката. Особено сме горди што годинава имаме мастерклас на највлијателниот европски режисер изминативе 30 години, револуционер на современото кино, господинот Бела Тар. Едноставно правиме сѐ за да ја надминеме дистанцата и да го живееме и уживаме филмот во оваа топла, летна скопска недела – вели Маргарита Арсова, програмска координаторка на фестивалот.

Годинава фестивалот ќе се одржува под слоганот „Филм фактор 20“ на повеќе локации: покрај Вардар, крај езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно, на Калето, на познатите локации како: МКЦ, Градски парк, паркот „Ибни Пајко“, а за најмладите ќе бидат прикажани два детски филма во киното „Милениум“. Селектор на програмата е долгогодишниот соработник на фестивалот, Бернд Будер, па и годинава ќе гледаме филмови структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ екофилм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, Сее програма, детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот.