Еден од најпознатите британски продуценти Ник Пауел се наоѓа на Канскиот филмски фестивал на кој ќе се претстави со два нови проекта. Едниот е новиот филм на Милчо Манчевски „Врба“, а другиот е филмот на Џулиус Амедуме „Ѕвечарка“, кој се наоѓа во постпродукција.

Пауел, кој минатото лето се повлече од функцијата директор на Националната филмска и телевизиска школа во Велика Британија, моментно работи со добитникот на „Златен лав“ македонскиот режисер Милчо Манчевски на новиот филм „Врба“ и на фестивалот во Кан бара германски копродуценти.

Новиот филм ќе почне да се снима во Македонија на почетокот од есента, филмот се состои од две љубовни приказни, и двете поставени во Македонија. Едната се одвива во 17-от век во руралните средини, а другата пак во современа урбана средина. И покрај тоа што станува збор за приказни разделени со стотици години, искуствата на двојките се преплетуваат.

-Тоа е игра на огледала меѓу двете приказни, двете двојки, што ја движат оваа приказна, објасни Манчевски.

Новиот проект ќе го одбележи враќањето на Манчевски од Њујорк во Македонија по речиси една деценија. Проектот е поддржан од Агенцијата за македонски филм.

Партнери на проектот се Владимир Анастасов од продукцијата „Сектор филм“, Игор Нола од „Мејнфрејм Продукција“ и браќата Чучков во Бугарија.