Во групата бранители на автентичните човечки вредности во романот на Маџунков е и Дон Кихот, кој се бори за спас на Македонија, всушност се крева против сите локални и белосветски подземни и надземни злосторници

„Правта на библиотеките“ е насловен најновиот роман на Митко Маџунков, кој деновиве излезе во издание на книгоиздателството „Три“, всушност се надоврзува на „Птиците од ланските гнезда“ – романот што ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“. „Правта на библиотеките“ е епохално дело во кое главните проблеми на денешницата, вклучувајќи ги и распадот на Југославија и судбината на Македонија, се дадени со ретка и драматична прегледност, со хумор и иронија, но над сѐ потресно. Во тој вител на чудесни и чудни глетки и привиденија, наративната оска како да е вкопана во македонската почва, па во тој контекст дури и при селекцијата на книгите што треба да се уништат се констатира дека прва „треба да се жртвува македонската книга, нејзе ѝ нема спас“.

Веднаш потоа ваквата одлука се објаснува со заблудата на владиката Водочки, кој верувал дека во Белград живеат сто илјади Македонци гладни за читање, па така, сметајќи дека сите до еден ќе навалат во библиотеката да читаат книги на македонски, ги купил сите „македонски книги што биле печатени во Македонија на бабам македонски јазик“, ги наредил по библиотечните рафтови да зафаќаат место, но, за жал, никој не дошол ни да ги види, а камоли да ги чита.

Главната тема на романот е новото светско устројство, кое е третирано како редукција на културните и цивилизациските вредности. Темата формално започнува со ревизијата на фондот на библиотеката, поради недостиг од магацински простор. Во антологискиот роман на Митко Маџунков пеколната селекција и уништувањето на книгите се спроведуваат во подземјето наречено Археологија. Но не се во прашање само книгите, селекцијата како главен проблем на човештвото во иднина ги опфаќа и луѓето.

Во групата бранители на автентичните човечки вредности во романот на Маџунков е и Дон Кихот, кој се бори за спас на Македонија, всушност се крева против сите локални и белосветски подземни и надземни злосторници. Македонскиот книжевен јазик во книгата е кренат на највисоко можно рамниште, а неговата употреба е во толкава мера функционална во сите сегменти (поетска слика, хумор, дистанца, парадокс итн.) што поетиката на делото многу често може да се согледа и прочита и од само една реченица.

Овој исклучителен роман на Митко Маџунков е своевидна антологија на суштествувањето, врвна, базична книга на македонската книжевност.