Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж на својата редовна 161-ва сесија која се одржа од 7 до 11 декември финансиски подржа 17 меѓународни филмски копродукциски проекти.

Во листата подржани проекти на последната сесија годинава е и филмот „Тело“, копродукциски проект меѓу Словенија, Хрватска и Македонија во режија на Петра Селишкар. Македонскиот копродуцент „ППФП“ од Скопје, кој главно е фокусиран но продукција на документарни филмови, е и основач на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс и МакеДокс патувачкото кино.

– Еуримаж во 2020 година финансиски поддржа четири филмски проекти во кои свое учество имаат и продуцентите од нашата држава. Претходно поддршка добија проектите „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, „Зад стоговите сено“, кој е прва копродукција меѓу Грција, Северна Македонија (Сектор филм од Скопје) и Германија по потпишување на Преспанскиот договор, „Мојата мајка е космонаут“ во режија на Анди Делиана, албанско-македонска копродукција со учество на македонскиот продуцент „Дрим фектори“ од Скопје и на последнава сесија долгометражниот документарен проект „Тело“, словенечко-хрватско-македонска копродукција – вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.

Пепељугоска понатаму додава дека поддршката од Еуримаж не само што е важна за финансискиот аспект на филмските буџети, туку тоа претставува и дополнителна можност и перспектива за циркулација на проектите во другите европски држави.

Европскиот фонд Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.136 копродукциски проекти со вкупен буџет од 619 милиони евра.