Во издание на ВиГ „Зеница“ излезе новата, триесет и трета по ред, поетска книга на Ристо Лазаров која уште со насловот „Трпки“ нѐ втурнува во искушенија и во предизвиците што ги живееме, тука, покрај нас и во нас. И ова книга на Лазаров кој во литературната критика веќе е означен и како „поет на македонската транзиција“, ги содржи вообичаените седум циклуси со по седум песни. Насловите на некои од циклусите ја откриваат поетската патека по која нѐ води Лазаров: „Црв во дабот“, „Сенки“, „Пицерија Ајнштајн“, „Бојадисување“, „Толчник“…

Поетот и главен уредник на ВиГ „Зеница“ Глигор Стојковски својот поговор кон книгата го насловува „Поет на важни вистини“, оценувајќи дека не се весели поетските приказни на Ристо Лазаров.

– Тргнете го повишениот тон во сите негови книги, значи не прифаќате да ве заведе само шармот на јазичните досетки со кои изобилува и ќе откриете еден сосема поинаков поет – можеби најдлабоко нурнатиот, најдлабоко обеземениот, најцелосно посветениот во нашата живеачка, овде, во нашава дома, најзагрижениот , најнемилосрдниот и најдоследниот просудувач, безмилосен судија на разните (а)национални, кусогледи, политикантски манифестации што изминативе триесетина години ни се случуваат недозволиво многу. „Трпки“ е книга која уште еднаш потврдува дека некогашниот бунтовен поет Ристо Лазаров е веќе зрел, смирен и мисловен, поет кој кажува важни вистини, на начин сосема соодветен на богатото товречко и животно искуство: лиричен, рефлексивен и натаму јазично свеж и натаму, сепак – немирен – заклучува Стојковски.