Новата поетска збирка „Гранична состојба“ од Лидија Димковска, објавена деновиве, во издание на „Или-или“, е нејзина седма поетска книга, по временска пауза од четири години од последната „Црно на бело“.
Оваа поетска збирка се комплетира во година кога авторката добива дури две меѓународни поетски награди: „Чаша на бесмртноста“ на поетскиот фестивал „Лириконфест“ во Велење, Словенија, и „Наим Фрашери“ на поетскиот фестивал „Денови на Наим“ во Тетово.
„Гранична состојба“ на Лидија Димковска претставува нов лирски меѓник во нејзината поетска ориентација, кој донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците.

– Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања што ги поставува актуелниот миг и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година.

Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети што отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска. Од друга страна, наспроти овие одлики-константи, тоа е поетика што низ годините, од првообјавата „Рожби“, пред речиси три децении, па до денес, постојано се метаморфозира и развива, и сега е дојдена до степен на целосна отвореност кон фактографското, кон наративното, кон промислување на суштествувањето низ поетското создавање. Согледана во таа развојна низа, „Гранична состојба“ претставува една од кулминативните точки во творечкиот опус на Димковска – вели Гоце Смилевски за „Гранична состојба“: