На прашањето зашто токму на „Нова Македонија“ ѝ го подарува фонтот Рацин, Џуровски вели: Од едноставна причина, фонтот Рацин е прв дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник, а „Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, според тоа одговорот се наметнува сам по себе

Типографот Ласко Џуровски му го подарува ракописот Рацин на најстариот дневен весник „Нова Македонија“

Весникот „Нова Македонија“ ќе може да го користи за објава тукушто создадениот автентичен фонт инспириран од ракописот на Кочо Рацин, на најеминентниот типограф кај нас Ласко Џуровски.
Типографот Џуровски ѝ го подарува фонтот Рацин на „Нова Македонија“ и вели дека од голема важност за него е што првиот дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник почна да живее токму на страниците на првиот македонски дневен весник.
Голема е честа што токму „Нова Македонија“ ќе пишува, информира, објавува со фонт создаден според ракописот од овој македонски книжевен деец, истакнат интелектуалец и творечки револуционер.
Го прашавме Џуровски зошто токму на „Нова Македонија“ ѝ го подарува фонтот Рацин.
– Од едноставна причина, фонтот Рацин е прв дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник, а „Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, според тоа одговорот се наметнува сам по себе, сѐ што е прво се памти – првата љубов, првата научена буква, првата прочитана книга… Затоа, сосема е логично првиот македонски фонт, инспириран од ракописот на македонски уметник, да се чита на страниците на првиот македонски дневен весник. Ми значи многу тоа што фонтот почна да живее, да дише, да се смее, да му зборува на светот преку вашите страници, да ја „везе“ вистината за уникатноста на македонскиот јазик и писмо – истакнува Ласко.

Иако фонтот само неколку дена пулсира во етерот, наиде на многу позитивни критики.
– Најверојатно тоа се должи на разбудените чувства, на трепетот на дамарите на македонската душа, кога повторно во неа одекнуваат безвременските стихови на Рацин, кои се непроценливо културно богатство, не само македонско туку и светско: „ Ако куќа не направив, со високи шимшир порти, куќа цел свет братски ми е, братски срце што отвора, срце – порта највисока, срце – куќа најширока“ – дополнува Џуровски.
Рациновиот фонт има 600 карактери, со кој ќе може да се пишува кирилично и латинично на 93 јазици.
– Фонтот го направив според најсовремените типографски правила и мислам дека ќе најде примена во сите оние проекти од персонален или комерцијален карактер во кои се употребуваат ракописни т.н. скрипт-фонтови. Немам никакви посебни амбиции, освен една желба и една порака: помислете на Рацин кога пишувате со неговиот фонт, почувствувајте ги неговите емоции за љубовта, за маката, за тагата, за напатениот македонски народ, кои ни праќаат единствена порака – да ја чуваме и негуваме македонската кирилица, ако ја има неа, ќе нѐ има и нас – истакнува типографот Џуровски. Фонтот Рацин има 600 карактери, но тоа не се само букви, тука влегуваат и бројки, интерпункциски знаци, акценти, математички знаци, лигатури, алтернативни варијанти на некои од буквите, контролни карактери што се неопходни за дефинирање на позициите на секоја буква во компјутерите итн.
– Фонтот нема претензии да биде совршен, но има свои специфичности што прават да биде свој, да биде оригинален, а сепак да ги испочитува сите типографски барања што функционираат во моментов на светско ниво. Инаку, фонтот Рацин веќе е достапен за преземање по симболична цена, за да можат лесно да го набават што повеќе заинтересирани – вели Ласко.

Со овој проект тој упатува едноставна порака – да ја чуваме македонската кирилица, да се гордееме со неа, да ја употребуваме, да ја надградуваме и приспособуваме на современите барања, затоа што таа е уникатна и единствена, различна од сите други кирилски писма.
– Со неколку букви карактеристични само за нашето пишување, македонската азбука ги дефинира нашиот идентитет и нашата различност и посебност, ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, пишуваме со македонска кирилица – категоричен е Џуровски.
Џуровски е вљубеник во македонската кирилица. Има околу 40 години работно искуство во областа на графичкиот дизајн и 30-годишно искуство во типографијата. Препознатлив е како автор на најпопуларниот македонски кириличен фонт Скола, кој го користи и печатеното издание на „Нова Македонија“, и автор e на околу 400 авторски фонтови.