Денеска од печат излегува новата книга од Оливера Ќорвезироска, специфично насловена „АБ’Т“. По теориската „Еден текст и една жена“ (2016) и збирките раскази „(СО)шиени раскази“ (2017) и „Улиците што ги нема“ (2018), ова е четврта соработка на издавачката куќа „Или-или“ со еминентната книжевна критичарка и писателка.
По 14-годишна пауза и нејзиниот тогаш прв роман „Заклученото тело на Лу“, Ќорвезироска повторно влегува во романескните води и ни го „подарува“ можеби нејзиниот најличен ракопис. Корицата на книгата ја изработија Марија Смилевска и Владимир Лукаш.

Оливера Ќорвезироска македонска писателка и критичарка, авторка на следниве книги: „Страдањата на младиот лектор“ 2000, „Сплетени раскази“ 2003, „Две перници“ 2010, „Новелички без шеќер“ 2017, „Сошиени раскази“ 2017, „Улиците што ги нема“ 2018 (раскази за возрасни); „Заклученото тело на Лу“ 2005, „АБ’Т“ 2019 (романи за возрасни); „Отвораат ли сништата работа“ 1999, „Еден текст и една жена“ 2016 (критика и есеистика); „Кифличката Мирна“ 1993 и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ 2001, преиздадени во 2018 г. (романи за деца); „Дедо Миле“ 2000, преиздадена во 2019 г. (сликовница); „Трети кат“ 1982, „Високите бели“ 1989 (поезија).