Од 9 септември Македонската филхармонија ќе ги пушти во продажба влезниците за свеченото отворање на концертната сезона 2019/2020, која ќе ја отворат еден од најдобрите пијанисти денес, врвниот Александар Мелников од Русија и славниот маестро Антони Вит од Полска, зад диригентскиот пулт, на 26 септември, во 20 часот. Новата концертна сезона ќе се одвива под слоганот „Мојата бесмртна љубов“.

Концертот на отворањето е насловен „Моќта на Заратустра“, а ќе бидат изведени двете грандиозни дела: Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Лудвиг ван Бетовен и „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус.

Како и во изминатите години, и годинава Филхармонијата нуди промотивна сезонска блок-влезница, во која влегуваат сите концерти што се дел од програмата во периодот септември 2019 – јуни 2020, вклучувајќи и неколку ексклузивни концерти. Доколку влезниците се купуваат индивидуално, цената за сите концерти изнесува 13.000 денари. Доколку се резервира годишна блок-влезница до 15 септември, се обезбедува промотивен попуст од 30 отсто и цената изнесува 9.000 денари. Цената на билетите во редовна продажба, пак, по 15 септември, ќе изнесува 10.000 денари.