Месецот мај за Националната опера и балет е од особено значење, месец во кој се одржува меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Поради пандемијата фестивалот годинава нема да се одржи, меѓутоа во чест на „Мајските оперски вечери“ и негово одбележување, Националната опера и балет ќе одржи серијал на концерти со наслов „Мајски концерти“. Настаните ќе бидат емитувани онлајн на официјалниот јутјуб-канал на Националната опера и балет, дел од нив и на ТВ 24, како и со надеж дел од настаните да се одржат со присуство на публика, согласно препораките на комисијата за заразни болести.
Прв во серијалот од „Мајските концерти“ Националната опера и балет го најавува гала оперскиот концерт „Волшебниот Моцарт“. кој ќе биде емитуван на 9.5.2021г., со почеток во 20 часот, на официјалниот јутјуб-канал.
Концертот е по повод 230 години од смртта на музичкиот великан Волфганг Амадеус Моцарт, еден од најгенијалните композитори во историјата на класичната музиката. Неговиот опус е грандиозен и безвремен, со огромно влијание врз музичкото творештво на многумина знаменити композитори по него во минатото и денес.
На гала оперскиот концерт ќе бидат изведени арии од делата „Дон Џовани“, „Волшебната флејта“ и „Свадбата на Фигаро“ и „Грабнување од сарајот“.
Диригенти се Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.
Настапуваат солистите Наде Талевска Спасовска – сопран и Владимир Саздовски – бас во придружба на оркестарот на Националната опера и балет.
Режисер е Трајко Јордановски, концерт мајстор Климент Тодороски.
Следни настани се два оперски рецитала на 17.5.2021 и 20.5.2021, на 23.5.2021 хорски концерт, на 27.5.2021 „Романтична балетска вечер“ , на 28.5.2021 премиера на „Игри на животот“ и на 31.5.2021 „Аида“ на платото „ Мајка Тереза“, пред Националната опера и балет.