Игор Анѓелков, програмски директор на „КинеНова“

Светот на дневно ниво продуцира илјадници приказни кон кои филмските автори не смеат да останат рамнодушни. Ангажираноста е еден од клучните елементи во сценаријата на новите филмаџии, бидејќи младоста сака (и мора) активно да се носи со неправдите околу нас, вели Анѓелков

Како програмски директор на 4-то издание на интернационалниот фестивал „КинеНова“, посветен на дебитантските дела на филмските автори, можете ли да ни кажете што ќе ни донесе годинава фестивалот?
– „КинеНова“ го бара своето место под сонцето на фестивалската карта кај нас со својот автентичен концепт, ставајќи ги во фокус првите и вторите остварувања на новите режисери имиња. Во трката за главните награди се седум филма, кои веќе го докажаа својот квалитет на неколку фестивали низ светот, станувајќи лауреати. Но фестивалот во својата програма крие и други изненадувања. На 4 октомври фестивалот „КинеНова“ ќе биде отворен со победникот во Карлови Вари летово, филмот „Таткото“ на Кристина Грозева и на Петар Валчанов. Подготвуваме специјална проекција на документарниот филм „Путиновите сведоци“ на Виталиј Мански, кој наедно е и претседател на жирито, како и проекција на најдобрите европски остварувања, кои се дел од програмата „Лукс прајз“ поддржана од ЕУ, вклучувајќи ги и домашните филмови „Медена земја“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. Тука се и редовните програми насловени „Посветено на…“ и „Фокус“.

Кој беше главниот критериум во вашиот избор на филмовите за главната селекција?
– Претпоставувам дека сум доволно искусен да препознаам квалитетно филмско остварување, дело што ги почитува сите законитости на филмскиот јазик, но нуди нешто свое, нешто автентично и ново. Првите остварувања на новите режисери секогаш се провокативни, бидејќи авторите сакаат да ја искажат својата љубов кон седмата уметност на најдобар можен начин, иако не велам дека нема и тотални промашувања во таа намера. Притоа, еден од неколкуте критериуми при селекцијата е приказните во филмовите да бидат актуелни, универзални, да бидат препознаени и почувствувани и од нашата публика, секако, сето тоа спакувано во заводливо дело што потоа долго ќе се памети. Сите седум филма во официјалната конкуренција за наградите се токму тоа, исклучителни, неверојатни филмски дела.

Има ли некое од новите авторски имиња што за вас е вистинско откритие?
– Многу ми се допадна филмот „Прасето“ на бугарскиот автор Драгомир Шолев, бидејќи зборува за една многу актуелна тема, насилството и теророт врз мирните деца во училиштата. Начинот и пристапот на кој го реализирал филмот е воодушевувачки. Меѓу моите фаворити е и рускиот филм „Човекот што ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов, кој раскажува приказна во вистинска традиција на новото руско кино.

Дали годинава меѓу дебитантските дела повеќето имаат ангажиран однос кон темите?
– Светот на дневно ниво продуцира илјадници приказни кон кои филмските автори не смеат да останат рамнодушни. Ангажираноста е еден од клучните елементи во сценаријата на новите филмаџии, бидејќи младоста сака (и мора) активно да се носи со неправдите околу нас. Впрочем, на уметниците само тоа и им остана, ангажирано да им пристапуваат на работите и да бидат совеста што ќе ги држи нашите очи широко отворени.

Имаме ли нови авторски гласови, кои имаат да кажат нешто релевантно, особено на домашната филмска сцена?
– Секако дека имаме. Секоја генерација раѓа понекој автентичен глас, а кај нас неколкуте дебитантски остварувања во изминатиот период, кои неретко добиваа награди на фестивалите низ светот, докажаа дека доколку се поддржат вистинските луѓе во вистински момент, резултатот ќе биде позитивен. Јас верувам и дека некаде во заднина чучи некој генијалец што трпеливо ја чека својата шанса, и доколку ја добие, во истиот момент ќе експлодира неговиот талент. И додека и понатаму трае борбата меѓу филмските кланови за поделба на колачот, јас се надевам дека, како и во многу случаи во минатото, истиот тој талент нема да биде занемарен и оставен вечно да чека во „чистилиштето“. Нам ни требаат нови луѓе што необременето и отворено ќе снимаат филмови, ќе пишуваат и ќе зборуваат за нашите болни точки во општеството.

Која национална кинематографија годинава, можеби, предничи со квалитет?
– Годинава во програмата „Посветено на…“, специјална гостинка на фестивалот ќе биде едно од најинтересните имиња на современата турска кинематографија, режисерката Јесим Устаоглу, а исто така ќе имаме фокус и на сѐ подобрата и наградувана унгарска кинематографија. Во официјалната селекција, пак, би ги издвоил неколкуте филма од Балканот како регион (Хрватска, Бугарија, Грција) со свои карактеристики и приказни, кои се блиски и кои во многу нешта се допираат меѓу себе, филмови од земји што од година на година продуцираат сѐ поконкурентни остварувања, кои неретко се дел од официјалната конкуренција на големите А-фестивали. Ќе биде интересно!

Постои ли сѐ уште ентузијазам и желба за организирање на овој фестивал, ако се имаат предвид проблемите со кои се соочивте околу обезбедувањето финансиска поддршка?
– Ова е веројатно прашање за директорот на фестивалот, но ќе се обидам да го одговорам низ моја призма. Организирањето на еден филмски фестивал е огромен залак и секако дека тој мора финансиски да биде поткрепен. Ова што го прави екипата на „КинеНова“ се граничи со неверојатност, но секогаш гледајќи кон крајната цел – на градот да му се понуди настан во кој сите ќе уживаат и ќе имаат бенефиција од него (социјална, креативна, општествена). Филмовите, гостувањата, работилниците се наменети за широк круг интересенти и заедницата треба позитивно да одговори на можноста Скопје да има уште еден квалитетен фестивал, чија програма задоволува поинакви вкусови.