Ретко имаме можност да донесеме вакви автори, предводници на светската сцена по прашања што отвораат ангажирани тематики. Некои од нив ќе бидат и наши драги гости во Скопје, а уметницата Тања Бругуера ни подари и нејзино дело за колекцијата на музејот, велат од МСУ

Изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ ќе биде отворена на 21 декември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова. Во рамките на изложбата со свои дела, уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот, како „Тејт“, „Гугенхајм“, МоМА… Па, така, ќе бидат претставени дела од Хито Штејерл (Германија), Тања Бругуера (Куба), Артур Жмијевски (Полска), Џулиета Аранда (Мексико), Адриан Паци (Албаниjа), Даниел Гарсиа Андухар (Шпанија), Сања Ивековиќ (Хрватска), колективот „Что делат“ (Русија), Антон Видокле (Русија и САД), како и македонските уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.

– Сакаме да ja прикажеме актуелната уметничка сцена преку автори што денес може да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот. Ретко имаме можност да донесеме вакви автори предводници на светската сцена по прашања што отвораат ангажирани тематики. Освен што прифатија да учествуваат на изложбата, некои од нив ќе бидат и наши драги гости во Скопје, а уметницата Тања Бругуера ни подари и нејзино дело за колекцијата на музејот – вели директорката на МСУ и кокураторка на поставката Мира Гаќина.

На отворањето во Скопје ќе присуствува Антон Видокле, кој ќе одржи и свое предавање на релевантна тема, а уметниците Дмитри Виленски и Николај Олеиников од уметничкиот колектив „Что делат“ престојот во Скопје ќе го искористат за продукција на ново уметничко дело. Уметниците Џулиета Аранда, Артур Жмијевски, Даниел Гарсиа Андухар ќе зборуваат за своите дела во рамките на организирана прошетка низ изложбата пред поширока публика. Изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ се однесува на состојбите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст и има намера преку анализа на конкретни уметнички дела и практики да ги истражи прекаријатскиот општествено-критички произведен дискурс и неговите манифестации.