Престижната варшавска издавачка куќа „Анализ“, во едицијата резервирана за врвен европски роман, го објави романот „Нишан“ на Блаже Миневски на полски јазик.

Македонскиот бестселер, чие шесто издание деновиве излегува во издавачката куќа „Три“ од Скопје, од македонски го преведе Елжбиета Чирлич, под редакција на угледниот полски писател Томаж Карповиц.

Во најавата на издавачот, објавена во полските медиуми, меѓу другото се вели дека „Нишан“ е „фасцинантен роман создаден на еден мал јазик“, во кој на маестрален начин е раскажана „голема, возбудлива приказна за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето, за љубовта и омразата, за победата како пораз и за поразот како победа“.

Освен на полски јазик, романот „Нишан“, добитник на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „13 Ноември“ и кандидат за „Интернешнел Даблин литерари авард“, досега е објавен и на англиски, италијански, српски, ерменски, бугарски, кинески, словенечки и арапски јазик, а наскоро ќе биде објавен и на унгарски јазик во Будимпешта.