Македонскиот слемер Никола Дукоски ја претставуваше Македонија на Европското слем-првенство во Брисел, Белгија. Дукоски се натпреваруваше заедно со 19 други национални репрезентативци и репрезентативки, од вкупно 20 европски земји. Годинешната земја победничка е Белгија, а победата ѝ ја донесе претставничката Мари Дара.
Тридневниот фестивал понуди различни програми, кои можеше да се следат со физичко присуство и онлајн: дебати, форуми, работилници и, секако, натпреварувачкото слем-финале.
– Европското слем-првенство сè уште трае во сите изведувачи што во ниту еден момент не се почувствуваме како натпреварувачи. Трае затоа што се поврзавме со разговори, уметност, поезија, музика, духовност и, пред сè, човечност. Организацијата беше одлична, а слем-перформансите се случуваа и зад сцената, каде што сите уживавме – вели Никола Дукоски.
Жирирањето на финалето беше комбинирано со избор од петчлено жири од публиката, избор од национално жири од секоја земја-учесничка и глобално онлајн гласање. Во македонското национално жири беше Валерија Дамчевска, која го освои третото место на националниот избор во Прилеп оваа година.
– Ова ми беше првпат јас да оценувам, а не да бидам оценувана, откако „запливав“ во водите на слем-поезијата. Ми претставуваше огромна чест што лично јас бев избрана да ја претставувам нашата држава на ваков голем настан. Иако го следев првенството онлајн и се вклучив онлајн, целиот процес за мене претставуваше голема одговорност, но пред сè предизвик да им се дадат оцени на најдобрите во Европа. Само на ваков голем настан може да видите толку многу различни изведби, секоја уникатна и пренесена на свој начин, со моќни пораки што остануваат врежани во увото на слушателите. Слемот е најдобриот начин да се (рас)каже некаква приказна или ситуација, оставајќи силен впечаток со пренесувањето – вели Валерија Дамчевска.