Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изложба на фотографии од самите почетоци од руско-македонските дипломатски односи до денес е отворена во холот на Македонската филхармонија. Меѓу нив се фотографии од потпишувањето на претседателите Киро Глигоров и Елцин на Декларацијата за пријателски односи и соработка, фотографии од средбата меѓу Киро Глигоров и премиерот на Руската Федерација, Виктор Черномирдин во 1998 година, фотографии од средбата на Борис Трајковски и Владимир Путин во Стокхолм во 2001 година, потоа од средбата на министерот за надворешни работи Керим со амбасадорот на Руската Федерација на ООХ, Сергеј Лавров. На изложбата е и фотографија од претседателот на Владата, Бранко Црвенковски, и претседателот на Владата на Русија, Касјанов, како и од првата посета на Црвенковски на Русија, од настапот на амбасадорот Баздникин на меѓународната конференција „Русите на Балканот“. Има и фотографии како руски војници помагаат во расчистување на урнатините од земјотресот, како и уште многу други дела што сведочат за добрите дипломатски односи меѓу овие две земји.

Изложбата одбележува 25-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија. Посветена е на историјата на руско-македонските односи, а е подготвена во соработка со Државниот архив на Македонија.
Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, говорејќи на македонски јазик, нагласи дека историјата на односите меѓу двете земји и двата братски народа не е само четврт век туку е многу побогата и има длабоки корени со повеќевековни врски.

– Гледајќи наназад во неодамнешното минато, очигледно е дека има многу работи на кои можеме да се потсетиме и да се гордееме. Голем број планови и проекти веќе се реализирани. Во некои работи можеби сме можеле и повеќе, но никогаш не сме наметнувале ништо, не сме се мешале во внатрешните работи ниту имаме намера да го правиме тоа во иднина – рече Баздникин.

Тој подвлече дека потенцијалот на руско-македонската соработка е огромен.
Пораката од име на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој не присуствуваше поради трагичната сообраќајна несреќа, ја прочита амбасадорот Оливер Крлиу. Во неа се потсетува дека дипломатски односи со Руската Федерација беа воспоставени на 31 јануари 1994 година, значаен и сложен период за нашата земја. Оттогаш добрите стабилни и пријателски односи се развиваат и денес се движат во вистинска насока, особено кога е во прашање соработката во економијата, културата, образованието.

До крајот на февруари ќе бидат прикажани и 25 класични и современи руски филмови во Кинотеката на Македонија. Месецот на руски филм се организира во соработка со Амбасадата на Русија во Македонија и со поддршка на агенцијата „Русотрудничество“.