Уравниловката во културните институции, или нивелирањето на платите, на која се согласи актуелната власт, претставува една од нивните поголеми грешки во работењето. Таа, сама по себе, дава лажна слика за вистинските вредности. Нивелирањето на платите во институциите на културата значи отворање процес во кој одредени позиции ќе бидат стекнати не по своја заслуга, туку по заслуга на другиот.

Лоша порака испраќа сликата во која се гледа како некој стапнува на ногата, или му се качува на рамената на оној што по своја заслуга, сопствени вистински вредности, зазема повисока позиција во духовната или културната практика. Владата со поддржувањето на оваа одредба отвора можности, поединци, со слаби творечки потенцијали, со помош на мимикрија да опстојат, односно комотно да се чувствуваат во светот на кој не му припаѓаат.

Пред дваесетина години, кога се обидувавме да подготвиме некоја национална стратегија за програмската цел на националните театри, наведовме некои услови што требаше да влијаат на хиерархиската подреденост на креативниот кадар во театарот.

Според нацртот, во прва група можеа да бидат актери што се носители на репертоарот, односно нивните театарски битисувања се препознаваат преку одиграните главни и насловни ролји, како и преку наградите од релевантни фестивали, односно од фестивали (домашните) што се од национален интерес.

Нивните сценски творечки изјави треба да бидат следени од критиката и сето тоа да резултира преку позитивни рецензии, кои ќе дадат сериозен прилог во нивното издвојување од сличните со послаб творечки потенцијал.

Режисерите, сценографите, музичките оформувачи треба да доаѓаат однадвор во театрите, зашто вреднувањето на нивниот труд се одвива по посебни параметри.
Незамисливо е театар да има вработено двајца режисери и четворица драматурзи и за време на една театарска сезона репертоарот да е изграден од претстави работени со режисери и драматурзи како гости, односно тој да се сведе само на претставите финансирани од Министерството за култура (две-три, или во театрите во Скопје четири-пет). Тоа придонесува од наведените кадри да создаваме итарпејовци што умно ќе ги избегнуваат обврските во матичните театри на сметка на оние што ќе ги преземаат во другите, кои, пак, им носат дебели хонорари. Што се однесува до хонорарите на режисерите и авторите, тие треба да се движат од шест просечни плати за режисерите до четири за авторите на драмските текстови.

Но, она што е најважно во сета оваа распределба на средствата за вложениот труд и местото на скалата на вредности, е што поскоро да се воведат аудиција и реаудиција, на секои три години, и тоа вршени од релевантни имиња во театарскиот свет. Тоа, само по себе, ќе оди во прилог на анулирање на стереотипијата и истакнувањето на вистинските вредности врз кои треба да се потпира секоја институција на системот, особено оние што даваат сериозен прилог во духовниот идентитет на нацијата.

Трајче Кацаров