За да ја приближи модерната уметност до пошироката публика, авторот на книгата „Што гледаш?“, Вил Гомперц, донесува интересни приказни што стојат зад низа ремек-дела, од Монетовите лотосови цветови до Вангоговите сончогледи, од Ворхоловите лименки супа до Хирстовиот морски пес во формалдехид

Книгата „Што гледаш?“ на Вил Гомперц, уредник за уметност во Би-би-си и некогашен директор на лондонската „Тејт галери“, низ приказна за 150 години на модерната уметност објаснува зошто од неа не треба да се плашиме, туку само малку подобро треба да ја разбереме. За да ја приближи уметноста до пошироката публика, авторот донесува интересни приказни што стојат зад низа ремек-дела, од Монетовите лотосови цветови до Вангоговите сончогледи, од Ворхоловите лименки супа до Хирстовиот морски пес во формалдехид. Притоа поставува прашања што многумина не се осмелуваат да ги постават за да не излезат неуки, што е точно модерната уметност, зошто постојат толку изуми и вреди ли воопшто тоа нешто.

Гомперц вели дека целта не му е да се натпреварува со мноштвото книги и учени томови за историјата на уметноста што се занимаваат со периодот на модерната, туку да понуди лична, анегдотска и информативна книга што сака да раскаже хронолошка приказна за модерната уметност, од импресионизмот до денес.
– Сакав да напишам книга полна со живот и факти, а не научно дело. Нема фусноти ни долги списоци на литература, а одвреме-навреме ѝ се препуштив на фантазијата и замислував, на пример, глетка во која импресионистите се собираат во едно кафуле или како Пикасо приредува седенка, а што се темели на белешките напишани од нивни современици – тврди авторот во предговорот на книгата.

Инспирација за пишување добил кога настапил на единбуршкиот „Фринџ фестивал“ во 2009 година, откако за „Гардијан“ напишал статија за тоа како техниките на стендап-комедијата може да се искористат во објаснувањето на модерната уметност на занимлив, а не збунувачки начин. Затоа и во Единбург го извел шоуто „Дабл арт хистори“, кој ги насмеа, но и ги научи нешто гледачите за модерната уметност.
Така и во книгата тој ги учи своите читатели дека „целата концептуална уметност не е ѓубре, дека Пикасо е крал (но Сезан е можеби подобар), дека Полок не е без врска, дека кубизмот нема кубуси и дека еден петгодишник навистина не би знаел да го направи тоа “.

Гомперц смета дека проблемот со кој се соочува новата публика во врска со некое уметничко дело, всушност, е проблем со кој сите се соочуваат, па дури и стручњаците, трговците со уметнички дела, кустосите, а тоа е разбирањето. Вели дека свесното признавање незнаење нема врска со недостиг од интелигенција или културна освестеност.

– Не станува збор за тоа дека треба да процениме дали некое ново дело на современата уметност е добро или лошо, времето во наше име ќе ја одработи таа работа. Поважно е да се разбере како и зошто тоа дело се вклопува во приказната за модерната уметност. Како и повеќето на изглед нејасни теми, уметноста е како играта – само мора да ги знаете основните правила да почнете да го сфаќате она што ве збунувало. А иако концептуалната уметност се чини како правило што не го сфаќаат баш сите и кое не може да се објасни со кафе, всушност е изненадувачки едноставна – вели тој.

Својата книга ја гледа како начин да се совладаат основите за 150 години модерна уметност, за периодот во кој уметноста помогнала да се промени светот и светот помогнал да се промени уметноста.

Вил Гомперц со години соработува со најпознатите светски уметници, директори на музеи и галерии, писатели, музичари, глумци и дизајнери. Њујоршкиот „Креативити магазин“ го смести меѓу 50-те најоригинални мислители на светот. Неговата прва книга „Што гледаш?“ е преведена на 14 јазици. Втората книга, „Размислувај како уметник“, ја објавил во 2015 година.