Не сме се поместиле ни чекор од 9 век наваму во морална смисла

Венко Андоновски за црногорскиот „Вијести“

Романот „Папокот на светот“ ги преиспитува нашите сознанија за духот на времето и неговата реинкарнација на еден скоро дијагностички начин. Тој ни покажува дека не сме се поместиле ни чекор напред од 9 век наваму во морална смисла, и дека не сме станале подобри луѓе од оние во „темното средновековие“, со тоа што наводно сме вовеле „демократии“ во 20 век. Зад тие демократии повторно се крие лицемерството, а тоа е вистинското лице на медиокритетот, вели во интервјуто нашиот писател

Мегаинтервју на македонскиот писател Венко Андоновски е објавено деновиве во црногорскиот онлајн-весник „Вијести“. Во разговорот, тој меѓу другото зборува за својот преведуван роман „Папокот на светот“, составен од пет текста, при што првиот, „Предговор на приредувачот“, и „Поговор (рецензија на изданието ’Папокот на светот‘)“ се напишани во манирот на псевдотекст.

– Романот е пишуван во сега веќе далечната 2001 година. Тогаш тоа во македонската книжевност беше незамисливо: да тврдите дека како автор сте само приредувач на романот, и самиот себеси тогаш да си напишете и поговор. Тоа се постапки на мистификација на постмодерниот манир, кои кај мене дојдоа сосема спонтано: верував, како што и сега верувам, дека романот е жанр во постојано создавање и преиспитување, и дека всушност со секој новонапишан роман денес, всушност се воспоставува нова, авторска дефиниција на правилата на жанрот „роман“. Така, според мене, тогаш требаше да изгледа она што го нарекуваме роман. Тоа што тие постапки беа постмодернистички мене не ми значеше ништо: никогаш свесно не сум сакал да бидам постмодернист, дури не ми се допаѓаше кога ме поврзуваа со постмодернистите, бидејќи, постмодерната кај повеќето автори е мода. Јас сакав да проверам до каде може да се оди со постмодерните техники, радикално експериментирајќи, а романот сепак да остане – роман. Критиката веднаш ме поврза со Умберто Еко, што лично не ми беше по волја, бидејќи јас Умберто Еко многу повеќе го ценам како семиотичар и наратолог (значи како научник) отколку како уметник. Мислам дека е препретенциозен истакнувајќи го своето знаење во романите за да биде уметник. Уметноста сепак е ослободена од гносеолошка суета – вели Андоновски.

Понатаму тој вели дека романот „Папокот на светот“ ги преиспитува нашите сознанија за духот на времето и неговата реинкарнација на еден скоро дијагностички начин.
– Тој ни покажува дека не сме се поместиле ни чекор напред од 9 век наваму во морална смисла, и дека не сме станале подобри луѓе од оние во „темното средновековие“, со тоа што наводно сме вовеле „демократии“ во 20 век. Зад тие демократии повторно се крие лицемерството, а тоа е вистинското лице на медиокритетот – категоричен е Андоновски.

Во интервјуто за црногорскиот весник, нашиот писател зборува и за романот „Азбука за непослушните“, кој всушност е преттекст за „Папокот на светот“, како што малку познатиот роман „Среќна смрт“ на Алберт Ками бил подготовка и преттекст за неговиот „Странец“.

– Повторно е тука, во „Азбуката“, темата за односот на медиокритетот со генијот: тие го распнуваат на крст. Но во заднина е уште една тема: темата на брзината со која времето се одвива и како брзината е наш најголем непријател. Брзањето, желбата за брзи резултати, доведе до тоа да ги упропастиме дури и писмата и азбуките, бидејќи секоја буква ја изгубила меморијата дека некогаш била слика, пиктограм, цртеж. Малкумина знаат дека денешната буква „А“ всушност, заради трговски причини, т.е поради брзање, е деформиран пиктограм на глава на бик, „алеф“. Романот е алузија на денешното време на брза храна, брзи визуелни перцепции, забрзано производство, забрзани процеси на стекнување знаење и образование, забрзана сексуалност… Господар на таа брзина е, се разбира – нечестивиот – вели Андоновски.
За тоа колку неговата поетика е сменета во годините од 1986 година, кога ја објавува првата книга, Андоновски вели дека главно останал конзистентен што се однесува до темите.

– Мене ме интересира поимот на светото, мистериозното и скриеното, а не профаното, познатото и транспарентното. Мислам дека уметноста треба да говори за непознатото, а не за познатото. Понатаму, мислам дека книжевноста без поимот за Бог, без прашањата кој е човекот, од каде доаѓа и каде се упатил, или без прашањата за смислата на човекот, животот, за Бога, раѓањето и смртта – и не е книжевност, туку бестселер-забава. Сите мои романи се трудат да се занимаваат со поимите на светото и непознатото (скриеното) – објаснува нашиот писател.

За работата како редовен професор по македонска и хрватска книжевност, наратологија и културологија на Филолошкиот факултет во Скопје и за тоа какви се новите генерации студенти, Андоновски е загрижен затоа што, како што вели, тие сѐ помалку читаат, а повеќе гледаат филмски екранизации на познатите книжевни дела.
– Тоа е таа фастфуд-генерација, генерација што ѝ дава предност на визуелната, наместо на вербалната перцепција. Се разбира, чест на исклучоците, но во една генерација од, да кажеме, педесетина студенти, едвај се наоѓаат тројца од нив што се одлични. Можеби треба да се размисли за тоа студиите по книжевност и културологија да се сведат на помали, камерни групи. Подобро е да имаш пет добри студенти, отколку 50 просечни. Но тоа го отвора прашањето колку Болоњската декларација, како и приватизацијата на образовните институции го упропасти нашиот традиционален систем на образование. Тоа е голема тема, и не би зборувал тука за тоа – вели Андоновски.
Интервјуто содржи и прашања за политичките услови во Македонија, за долгогодишниот спор за името на Македонија, за заедничкото словенско минато во Југославија.

– Таканаречената „антиквизација“ на македонската национална свест и, покрај сите пропагандни напори на претходната влада (особено со подигање споменици на секој чекор), не успеа. И понатаму преовладува мислењето дека Македонците се Словени, макар што не се порекнува дека на нејзината почва постоела цивилизацијата на Александар Македонски или Велики и дека се можни антропо-културни врски со таа цивилизација. Но сѐ повеќе се јавува свеста дека дури и тој неоспорен словенски корен на Македонците не е пресуден за пристоен живот во македонската држава. Сѐ повеќе приврзаници има политиката, која е свртена кон запад и интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ. Особено младите луѓе веруваат во таа опција и не се посебно оптоварени со националниот идентитет. Тоа е сосема во духот на она што денешните филозофи и политиколози го тврдат: глобализацијата полека ќе ги избрише локалните и мали култури и семиосфери, така што национализмот, па дури и патриотизмот, ќе прејдат во заден план. Ми се допаѓало тоа мене или не, македонската држава оди во тој правец, како и остатокот од светот – заклучува Андоновски.