„Несовршен простор“ – изложба на „Транзен“ во Струмица

Скулпторот Андреј Митевски е добитник на наградата „Владимир Георгиевски“, која здружението „Транзен“ ја доделува во чест на великанот на македонската ликовна уметност, сликарот и професор Владимир Георгиевски. Митевски е награден за скулптурата „Форма која се раѓа“, а годинашен селектор за нејзиното доделување е ликовниот уметник Ниче Василев. „Форма која се раѓа“ ќе биде презентирана на изложбата „Несовршен простор“, која ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во „ЕУ Хаус“ во Струмица, каде што ќе бидат изложени дела на 16 уметници, меѓу кои се и: Тони Попов, Милан Андов, Ване Костуранов, Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Љупка Галазка Василев, Марија Мицова Гацова, Славица Милева и др.

– Творештвото на Андреј Митевски е континуирана борба со суровиот и цврст материјал, кој се преобразува во нешто ново, кревко и живо. Скаменетите форми треперат пред мермерот, каменот, травертинот, како во грч, подготвени да се ослободат од нив. Од најцврстото се раѓа најмекото. Лист, дланка, пердув, бршлен, бесконечна билка… Судирот меѓу мекото и суровото во неговото творештво потсетува на стиховите од Лао Це: „Слабоста е сила, цврстината е слаба…“ – стои во образложението за добитникот на годинешната награда „Владимир Георгиевски“.